Washington, D.C./Туристички атракции

From Wikimania 2012 • Washington, D.C., USA
This page is a translated version of the page Washington, D.C./Tourist Attractions and the translation is 100% complete.
   Општи информации      Историја      Топографија и клима      Превоз      Знаменитости      Култура и спорт      Туристички атракции      Каде да јадете      Каде на пијачка      Телекомуникации    
Национален воздухопловно-вселенски музеј

Музеи и галерии

Националнен воздухопловно-вселенски музеј

Националниот воздухопловно-вселенски музеј (NASM) во склоп на Смитсоновата установа има најголема збирка на историски воздухоплови и вселенски летала во светот. Отворен е во 1976. Речиси сите експонати се оригинали (некои се резерви на оригиналите).

Национален музеј на африканската уметност

Националниот музеј на африканската уметност е дел од Смитсоновата установа. Сместен е во Националната алеја (Mall) и содржи експонати од африканската уметност и култура. Основан е во 1964 како приватен музеј, а во 1979 станал дел од Смитсоновата установа.

Главниот влез на музејот се наоѓа крај градините пред Смитсоновиот замок на југозападниот дел на Авенијата на независноста. Музејот е сместен под земја и има подземни премини што го поврзуваат со галеријата Артур М. Секлер и Фрировата уметничка галерија.

Уметничките дела во музејот се од сите делови на Африка, но највеќето се супсахарска Африка. Меѓу претставените земји се Мали, Камерун, Танзанија, ДР Конго, ЈАР, Гана и Мароко. Најголемиот дел од експонатите се скулптури, маски, мебел, и музички инструменти од дрво.

Национален музеј на американската историја

Националниот музеј на американската историја

Националниот музеј на американската историја собира, конзервира и изложува предмети од историската оставнина на Соединетите Американски Држави на општествен, политички, културен, научен и воен интерес. Меѓу изложените артефакти е и изворниот бајрак со ѕвезди и столчето на Арчи Банкер. Музејот е дел од Смитсоновата установа и е сместен долж Националната алеја.

Национален музеј на Индијанецот

Националниот музеј на Индијанецот е музеј под раководство на Смитсоновата установа посветен на животот, јазиците, книжевноста, историјата и уметноста на Индијанците. Збирките опфаќаат над 800.000 предмети и архив од 125.000 фотографии.

Национална уметничка галерија

Националната уметничка галерија е музеј на уметнички дела кој се наоѓа во Националната алеја во Вашингтон. Влезот во галеријата е бесплатен. Отворена е во 1937 во име на народот на САД со заедничка одлука на Конгресот. Ова е една од најбогатите галерии во светот и во неа се истакнати европски и американски слики, скулптури, фотографии и украсни предмети распоредени во збирките и скулптурната градина. Постојаната збирка опфаќа период од средниот век до денес. Најзначајна е збирката од италијанската ренесанса, каде се претставени дела од Дучо ди Буонинсења, Фра Анџелико, Филипо Липи, Сандро Ботичели, Џорџоне, Џовани Белини и Леонардо да Винчи. Во музејот има и значајни дела од Тицијан и Рафаело Санти. Во европските збирки се сместени дела од разни истакнати европски мајстори како Матијас Гриневалд, Лука Кранах Постариот, Рогир ван дер Вејден, Албрехт Дирер, Франс Халс, Рембрант ван Рејн, Јоханес Вермер, Франциско Гоја, Енгр и Ежен Делакроа. Во збирката на скулптури и украсни предмети се застапени дела како „Чашката“ на опатот Сугериј, прекрасна збирка дела од Огист Роден и Едгар Дега.

Галерија „Артур М. Секлер“ и Фрирова уметничка галерија

Галеријата „Артур М. Саклер“, заедно со Фрировата уметничка галерија го сочинуваат Nационалниот музеј на азиска уметност во склоп на Смитсоновата установа. Во нивните збирки се сместени вкупно 9.917 уметнички дела од Азија.

Галеријата е сместена на Националната алеја, веднаш зад Смитсоновиот замок. Главните изложбени простори се под земја, а објектот е поврзан со Националниот музеј на африканска уметност.

Во галеријата „Артур М. Секлер“ често се одржуваат меѓународни изложби на разни тематики од азиската уметност.

Во Фрировата галерија се сместени уметнички дела од Средоземјето, источна, јужна и југоисточна Азија, исламскиот свет, древниот Близок Исток, стариот Египет, но и дела од американски автори. Инвентарот брои 25.518 експонати што опфаќаат период од 6000 години, вклучувајќи староегипетски камени скулптури и дрвени предмети, грнчарија и метални предмети од древниот Близок Исток, кинески слики и керамика, корејска грнчарија и порцелан, јапонски паравани, персиски ракописи и будистички скулптури.

Хиршхорнов музеј и скулптурна градина

Скулптурата „Кипенкерл“ од Џеф Кунс

Хиршхорновиот музеј и скулптурна градина е музеј на уметноста покрај Националната алеја. Позначајни застапени уметници се: Пабло Пикасо, Анри Матис, Мери Касат, Томас Икинс, Хенри Мур, Џексон Полок, Марк Ротко, Франц Клајн, Ханс Хофман, Морис Луис, Кенет Ноланд, Џон Чемберлен, Дејвид Смит, Франсис Бејкон, Вилем де Кунинг, Милтон Ејвери, Елзворт Кели, Луиз Невелсон, Аршил Горки, Едвард Хопер, Лари Риверс, Рафаел Сојер и други. Во скулптурната градина се изложени дела на вајари како Огист Роден, Џеф Кунс и Александар Колдер.

Смитсонов музеј на американската уметност

Смитсоновиот музеј на американската уметност е дел од Смитсоновата установа и има мошне голема збирка на американски уметнички дела. Застапени се најразлични уметнички правци и претставителни дела од разни региони во САД. Меѓу позначајните претставени уметници се Нам Џун Пајк, Џени Холцер, Дејвид Хокни, Џорџија О'Киф, Џон Сингер Сарџент, Алберт Пинкам Рајдер, Алберт Бирштат, Едмонија Луис, Томас Моран, Џејмс Гил, Едвард Хопер и Винсло Хомер.

Национална портретна галерија

Националната портретна галерија е уметничка галерија под управа на Смитсоновата установа. Во неа се претставени портрети на познати личности од САД.

Реникова галерија

Рениковата галерија е огранок на Смитсоновиот музеј на американската уметност што изложува ракотворби и украсни дела од XIX и XX век. Зградата на музејот е прогласена за национална историска знаменитост и е сместена на авенијата „Пенсилванија“.

Музеј на Анакостија

Музејот на Анакостија во склоп на Смитсоновата установа е музеј на вашингтонската населба Анакостија и ја обработува историјата и културата на американските црнци.

Национален поштенски музеј

Националниот поштенски музеј е основан во 1993 по договор на Поштенската служба на САД и Смитсоновата установа. Сместен е спроти железничката станица „Јунион“, која е зградата на поранешната главна пошта на Вашингтон (1914-1986). Музејот има бројни надгледни средства и прикази од историјата на поштенската служба и поштите ширум светот. Изложена е и огромна збирка на поштенски марки.

Смитсонова национална зоолошка градина

Смитсоновата национална зоолошка градина е дел од Смитсоновата установа и една од најстарите зоолошки градини во САД. Влезот е бесплатен. Зоолошката градина е сместена во два парка: едниот е 66-хектарски урбан парк во северозападниот дел на Вашингтон. Другиот е 1300-хектарски парк на Смитсоновиот институт за заштитна биологија (SCBI) во Фронт Ројал (Вирџинија). Во парковите се сместени вкупно 2000 животни од 400 различни видови.